Процес

Основна дејност на Топилницата Фени Индустри е преработка на железно никлоносни руди и производство на никел во форма на фероникел. Топилницата преработува латеритни руди, каде железото и никелот се наоѓаат во оксидна форма. Овие типови на руди се одликуваат со релативно ниска содржина на никел. Следејќи го технолошкиот процес организациски, Топилницата е поделена на четири основни производни погони:

1. Подготовка на минерални суровини,

2. Пелетизација и предредукција,

3. Топење,

4. Рафинација и гранулирање.

 

1. Во ФЕНИ руда се носи од различни места со различен квалитет и тоа најмногу од Гватемала, Турција, Албанија и Македонија. Порано руда се носеше и од Индонезија и Филипини. Рудата што доаѓа од рудниците се наоѓа во неприкладна форма за директно третирање (има висока содржина на влага и е крупнозрнеста.) Заради тоа во Топилницата најпрво се врши припремање на рудата, кое се состои од дробење, сушење и мелење.

2. По мелењето, исушената и иситнетата руда (наречена „никел концентрат“) оди во миксер. Во миксерот, иситнетата руда се меша со вода и бентонит (глина, што служи како „лепак“). Потоа, оваа смеса преку долга транспортна лента оди во главниот производен објект, кој почнува со постројка за пелетизација, каде на дискови за пелетизирање се произведуваат зелени пелети, кои во Лепол решетка се сушат, загреваат и жарат. Вака жарените пелети влегуваат во Ротациона печка каде со додавање на лигнит се извршува предредуцирање. За создавање на пламен, Ротационите печки се опремени со бренери кои работат на мазут и петролкокс. За загревање на Ротационите печки како цврсто гориво освен лигнит кој е потребен за редукција, се додава уште и биомаса и иситнета гума.

3. Предредуцираните пелети се истураат во Електро печка, каде на висока температура од околу 1600⁰C која се постигнува со помош на електрична енергија, истите се топат и се произведува суров фероникел и троска (троска од Електро Печки).

4. Добиениот суров фероникел, со помош на кислород се рафинира во Конвертор. Се добива рафиниран фероникел и троска (троска од Конвертор). Добиениот рафиниран фероникел (80% железо и 20% никел), после задржување во Холдинг печка за хомогенизирање и корекција на составот се гранулира во гранули со големина од околу 3 cm. Гранулираниот фероникел како готов производ на Фени Индустри понатаму воглавном се користи за производство на нерѓосувачки челици.